Љубов на прв поглед… 432 пати. Љубов е дисциплина, опсесија и желба.
Анастасија се вљубува во темата која и ја отвора една онлајн средба со списание за жени “Love” за која расправа преку дигитални колажи со интервенција. Љубовта не е дисциплина, опсесија и желба. Љубов е комерцијализација на човековите чувства. Љубов е визуелизација на телесното. Љубов е самозаљубеност. Љубов е стил или клише. Љубов е успешен маж и убава жена. Љубов е 432 страници, кои се премногу за љубов на страници, а премалку за вистинска љубов надвор од страниците.
Love е британско списание, основано во 2009 година кое се рекламира себеси под хаштагот #loveadvent, во превод со дообјаснување: љубовно пристигнување според латинскиот adventus -> advent, послободно, можеби извлечено од второто доаѓање на Христос, дури повикува и се поставува како гласник на љубовната преродба. Повторно раѓање, второ доѓање. Списанието припаѓа под категоријата ,,стил и мода“ па, според тоа, да… љубовта е повторно ин. Љубовта е мода.
Страниците на списанието се исполнети со, најчесто црно-бела модна и пастелна колор фотографија. Иако, навидум прочистен, современ и наменет за самостојната жена, го следи моменталниот тренд на односот на модата наспрема животот, овомилениумската естетика и поистоветувањето на сексот со љубовта.
Анастасија, го искажува своето незадоволство на оваа секогаш актуелна тема на поистоветување на женственоста со женскоста, на експлоатирање на љубовта во модата и прикачување на истата за, единствено женската потреба и цел, едначење на убавото со секси, а сексот со љубов, воедно продавајќи ја идејата и на машкиот пол преку физичкоста на блискоста.
Текст: Ana Jovanovska , колешка и пријателка