Зачинета Македокс Журка

Зачинета Македокс Журка

ЗАЧИНЕТА МАКЕДОКС ЖУРКА
со кромид и документарни филмови

За голем број луѓе постои нешто магично во бројот пет, па така и овогодинешното 5. издание на Македокс-фестивалот за докуметарен креативен филм кој ќе се одржи од 14-20 јуни, ќе донесе нова филмска магија меѓу ѕидините на Куршумли Ан и МКЦ.

Инспириран од вкусот на младиот кромид, Македокс-фестивалот за креативен документарен филм на

07. јуни 2014 година во 21 часот во Кула
(ул.31 бр.8 поранешната кафеана „Градска Кула“во близина на Old School Cafe)

ве поканува на журка зачинета со многу музика, арт енергија и видео провокации… Искуство кое природно ќе ве иницира во фестивалската атмосфера на МАКЕДОКС, кој и оваа година се погрижи да донесе нови, свежи документарни филмови за младите и креативни умови кои копнеат по екстремни филмски доживувања.

Со 20 долгометражни филмови и голем број на кратки документарни филмови, Македокс оваа година ќе понуди филмови интересни за млади, филмови кои зборуваат за заљубувањето, за зависноста од интернет, за креативноста и неформалното образование, за една генерација на креативни млади луѓе и бунтовници кои пред 100 години се обиделе преку создавање на алтернативни движења да му пружат отпор на општеството во кое живееле.

Покрај интригантните теми, она што е особено интересно за петтиот Македокс е поигрувањето со архивскиот материјал и негово вметнување како моќна визуелна содржина, особено во документарниот филм. Оттаму заинтересираните за процесот на создавање на документарни филмови ќе имаат прилика за време на фестивалот да посетат работилница за креативна употреба на архивскиот материјал во документаристиката.

Секако, Македокс не заборави да им отстапи простор и на студентите од Факултетот за драмски и филмски уметности, па во својата програма има и неколку документарни филмови изработени од нив.

Она што Македокс, оваа година посебно сака да го сподели со студентите е студентската карта од 500 денари за студенти до 27 години со која ќе можат да присуствуваат на сите проекции во текот на фестивалот и да ги вкусат зачините на оваа “Петка со кромид” Македокс дружба!