Концертна промоција на К.Н.Н.Т. – Нежно EP [Шарла CD005]

Концертна промоција на К.Н.Н.Т. – Нежно EP [Шарла CD005]

ОК драги наши, броиме пет. И горди сме како Али во Киншаса ’74 (The Rumble in The Jungle). Причината е следна: нашето петто издание е нашиот прв комплетен продукциски зафат, од студио до концерт. Yeah!

…Примам и давам, јадам мелодии и пржам стилови, сакам внатре-надвор, соработувам со гримаси и добивам помалку од ништо…

Зошто Скопје е неуништив како противникот на Арнолд Ш. во Терминатор 2? Затоа што секогаш ќе има некои Марко и Иван што ќе го донесат триумфот на духот над глупоста (над очајот). И стварно, дали да се плаче по ,,градот што го убија’’ или да се гради својот/нашиот сопствен СК014 во некое сокаче во Ново Маало, во атриумот на железничката зграда, во гаражите во Тафталиџе, на улица Дрварска, на Стотројка, во МКЦ… во нашите глави. За децата на храбриот скопски асфалт изборот е едноставен.

…Се си дојде на свое место кога целото место беше дигнато во воздух…

Поради сè ова и уште повеќе од тоа се решивме најновата издавачко-друштвена авантура на Шарла да биде дуото ,,Клуб на невоспитани трудници’’ или К.Н.Н.Т.
.
Затоа што се неодоливо неодговорни кога ни испорачуваат сложени музички равенки што се свират со муда, слушаат со мозок, а се решаваат со срце. (Се збори дека ако си Бог, хаосот ти е космос.). А тие се двајца. Марко Јанев и Иван Трајчев (тапани и сајзер), млади уметници од екипата од ,,ателињата’’ во Стара чаршија, сега позиционирани во Кула. Речиси нереални ликови, веројатно избегани од некоја од книгите на Хантер С. Томпсон и пуштени да роварат по скопските улици како би го растуриле балансот помеѓу редот и нередот во корист на ова второво. Од љубов, јасно.

…Пукни ме со месо-лајна од бебешки крал,
напој ме од светиот тоалетен грал,
Нашминкај ме во курвински бакнежи
и пушти ме низ филтрите на градската канализација…

,,Нежно EP’’ е првото официјално издание на К.Н.Н.Т. и содржи 6 песни како 6 удари во плексус од гореспоменатиот Али. Ова е 19-минутна антипоп диверзија, контра сè и сите познати и непознати музички форми и канони каква што одамна и недостасуваше на скопската underground сцена. Радикално склопен patchwork од неправилни ритмови и сајзерски рифови по кои плачат да прскаат фонтаните од Скопје 2014, додека дамите од новата буржоазија во ритам си ги местат шапките од лозов лист, нетрпеливо чекајќи да му ракоплескаат на Д. Лилиќ како Хамлет.

За сите останати, посакуваниот ефект се постигнува доколку се слуша многу гласно, на екс во дупла доза и по можност покрај базен полн со бензин и во друштво на правиот Ричард Трети во ,,Спидо” купаќи. Затоа што:

…Кул е да си кул, но по-кул е да си по-кул…

* * *

Овој петок, 13ти, на домашен терен, во Кула, во 21:00, К.Н.Н.Т. концертно ќе го промовираат своето ,,Нежно EP’’.