[ПРОЕКЦИЈА на „ONCE BROTHERS“ + ДИСКУСИЈА] Спортот и „замислените заедници“

[ПРОЕКЦИЈА на „ONCE BROTHERS“ + ДИСКУСИЈА] Спортот и „замислените заедници“

Проекција на »Once Brothers«,
проследена со дискусија на тема »Спортот и „замислените заедници“«
Ку Ла, 24 јуни 2014 (вторник), почеток: 21 часот.

Една многу позната концепција за нацијата, предложена од Бенедикт Андерсон (Benedict Anderson), ги објаснува нациите како „замислени заедници“. „Замислени“, затоа што поединецот припадник на една нација никогаш нема да запознае сите останати припадници на нацијата, но сепак, иако и не ги познава ќе ги прифати како „свои“, а не „странци“. Во основата на ова прифаќање постои само едно рационално објаснување, односно идентификацијата на поединците кои во суштина се странци со припадноста на една иста група. Еден друг познат теоретичар на нациите и национализмот, Ерик Хобсбаум (Eric Hobsbawm), ќе напише дека „замислената заедница на милиони станува пореална како тим од единаесет именувани луѓе“, мислејќи на фудбалските тимови во меѓународниот спорт. Тој тим предизвикува идентификација на припадниците на нацијата со една помала група. Победите и поразите на тој тим ги чувствува „целата“ национална заедница, се радува или тагува. На тој начин, спортските арени стануваат идеално поле за невооружен судир меѓу нациите.

Но, што се случува со спортските тимови чија „замислена заедница“ исчезнува и каде продолжуваат правците на замислувањето? Што се случува со спортистите кои еден ден се натпреваруваат под едно знаме, а следниот под друго? Во обид што поблиску да го разбереме феномените поврзани со замислената заедница и спортот, на примерот на распаѓање на СФР Југославија и нејзините национални спортски тимови, ЦИНИК организира проекција на документарниот филм „Некогаш браќа“ („Once Brothers”), проследена со дискусија на генералната тема „Спортот и замислените заедници“.

„Once Brothers” ја раскажува приказната за поранешните Југословени, репрезентативци во кошарка, Србинот Владе Дивац и Хрватот Дражен Петровиќ кои од борци под исто знаме ќе станат жестоки противници за своите нови замислени заедници.

Филмот ќе се прикажува на англиски јазик, без обезбеден превод.

Once Brothers [2010, ESPN, 79’]
30 for 30 series: Season 1, Episode 25
Режисер/Сценарист: Мајкл Толајиан
Улоги: Владе Дивац, Меџик Џонсон, Тони Кукоч, Клајд Дрекслер, Рик Аделман и други.