INNER TRACES

INNER TRACES

“INNER TRACES”

Во нејзиниот најнов проект ,,Внатрешни траги’’, употребувајќи ја фотографијата како еден од најелегичните модуси на изразување, авторката документира интензивирана релација со секвенцата минато, осведочено “memento mori” во ентериерот на стари, напуштени, селски куќи. Но, додава и дополнителен визуелен контекст преку осведочениот перформанс изведен со спонтани транс движења на нејзиното тело во просторот – директна референца за емоционалното до(-о)живување потенцирано со мизансценот на трошната куќа.

Извадок од текстот на Бојана Јанева-Шемова, куратор

——————————————————————————

При создавањето на овие дела се водев од внатрешниот импулс за изразување преку перформативно движење. Движењата се родија инспирирани од примордијалното чувство на враќање кон моето минато и минатото на моите претци. Просторот во кој движењата ги добија своите природни форми се стари, и најчесто напуштени куќи. Со синтезата меѓу трошната граѓа од куќите-остатоци и вивидната форма на движењата-зачетоци, се отвора прашањето за непостојаноста и променливоста на сѐ, односно што е она што било и што ќе остане од сето тоа, каде престанува сѐ?

Токму тука, фотографијата се појавува како сведок-медиум на мојата
непредвидлива и променлива реакција, како документ за ефемерноста на нештата. При процесот на документација и создавање, движењето, свесноста за кадарот, композицијата и светлината се појавија како елементи кои допринесоа кон низа дополнителни прашања во однос на меѓусебната релација на перформансот и фотографијата, како канал за презентација на внатрешните траги.
Ана Лазаревска