Групна изложба „Зелен клик“

Групна изложба „Зелен клик“

Драги наши,

Ве покануваме на отворањето на „Зелен клик“, групна изложба на дела од уметници – пријатели на единственото улично списание кај нас, како и авторите на наградените творби од повикот „Лице в лице со животната средина“.

Изложените дела се на тема животна средина, а вие ќе имате можност да видите фотографии, постери, илустрации и накит од отпад од следниве автори и авторки:

Тхе Мичо, Наташа Гелева, Драги Неделчевски,Томислав Георгиев, Роберт Атанасовски, Огнен Теофиловски, Виктор Поповски, Зоран Инадески, Георги Равански, Mei Ro (Сандра Јовановска и Маја Стојковска), Горан Ристовски, Филип Неделковски, Петар Видоевски, Бојана Алексиевска и Славица Панова.

На настанот ќе ги доделиме и наградите за трите најдобри дела од повикот „Лице в лице со животната средина“. Првата награда е велосипед, која ќе ја додели националниот партнер на ENV.net за Македонија, организацијата „4x4x4 Балкански мостови“. Авторите на второ и третонаграденото дело ќе добијат вредносни награди кои ги обезбеди Ikona Bookstores, а кои се дел од нивната извозна програма. Трите најуспеши учесници на овој повик ќе добијат и патнички осигурувања кои ќе ги додели Сава Осигурување

На настанот, ќе го промовираме и новиот, 11. број на уличното списание „Лице в лице“, кој во фокус ја има животната средина и кој има цел да ги поттикне граѓаните да придонесуваат за зелени идеи, за зачувување и грижа за природата. Во изданието ги поместивме и пријавите од граѓаните од повикот „Пријави што ти пречи“,за кои побаравме одговори кај надлежните институции.

Овој број на „Лице в лице“ ја донесува и првата насловница со познати личности, драги пријатели на уличното списание: Ана Јовковска, Верица Андреевска – Спасовиќ, Биљана Гинова, Јована Тозија, Ненад Тонкин и Костадин Шурбановски, кои ја раскажуваат својата приказна за движењето со велосипед низ градот, како и текст за велосипедската револуција која се случува преку иницијативите #НаТочак низ земјава.

Објавуваме и инспиративни приказни за режисерката и авторка Билјана Гарванлиева, за солидарноста која создава нов живот во Глобочица, за херојот на контракултурата, карикатуристот Ралф Стедман, текст за свесноста за здрава храна, која е закана за бизнисот со инстант храна. Во делот со едукацијата, прашуваме „Има ли доволно столчиња во државната администрација?“, додека пермакултуристот од Холандија, Јан Зијлстра пишува во рубриката „блог на странец“ за изобилието од квалитетна земја која кај нас останува непосеана.

Дојдете на дружба и на споделување уметност, приказни и добрини!

Срдечно,
Тимот на „Лице в лице“